Официјално: Манчини се врати на клупата на Италија, Раниери доби нова важна улога

Роберто Манчини и официјално е нов селектор на италијанската фудбалска репрезентација, откако денеска беше потврдено неговото враќање на клупата на „аѕурите“. Поранешниот стратег повторно ќе ја предводи националната селекција, а заедно со него во новото раководство на Италија ќе биде и искусниот Клаудио Раниери, кој е назначен за технички директор на Фудбалската федерација на Италија (ФИГЦ).

Манчини повторно ја презема репрезентацијата која ја водеше од 2018 до 2023 година, период во кој ја освои европската титула на ЕП 2021 и ја врати Италија во самиот врв на европскиот фудбал. Сега неговата главна задача ќе биде повторно да ја изгради конкурентноста на „аѕурите“, по турбулентниот период што следуваше по заминувањето на Џенаро Гатузо и уште едниот неуспешен квалификациски циклус за Светското првенство.

Претседателот на ФИГЦ, Џовани Малаго потврди дека изборот на Манчини и Раниери е дел од заедничка визија за обновување на италијанскиот фудбал.

„Сакавме луѓе кои имаат заедничка визија за иднината на италијанскиот фудбал. Роберто Манчини ќе биде селектор, а Клаудио Раниери технички директор“, изјави Малаго по седницата на Федералниот совет.

Раниери, кој минатата сезона ја заврши својата тренерска кариера, ќе биде задолжен за техничкиот развој на репрезентациите и координацијата на фудбалската стратегија на национално ниво. Неговото назначување доаѓа по оставките на Паоло Малдини и Леонардо, кои се повлекоа по несогласувањата околу изборот на нов селектор.

Со враќањето на Манчини, Италија се надева дека повторно ќе изгради победнички тим и ќе ја врати репрезентацијата на највисокото светско ниво, по серијата разочарувачки резултати во последните години.