Елена Мицковска избрана за член на Извршниот одбор на Светската федерација на училиштен спорт
На првиот состанок на новиот Извршен одбор кој се одржа во Белград, беше формирана управувачката структура за новиот четиригодишен мандат, од 2026 до 2030 година. Токму на овој состанок беше донесена одлуката Мицковска, заедно со Олабиси Џозеф од Нигерија, да бидат претставници на Извршниот одбор во Управниот Одбор, највисокото управувачко тело.

Овој избор има огромно значење за Македонија, бидејќи за првпат нашата земја добива свој претставник во највисоките структури на Светската федерација на училишен спорт. Тоа е признание за досегашната работа и развојот на училишниот спорт кај нас, но и голема можност Македонија активно да учествува во креирањето на идните политики и проекти за младите спортисти на глобално ниво.
Со формирањето на Управниот Одбор, се заокружи клучната фаза од воспоставувањето на раководната структура за новиот мандат.
Новиот Управен одбор го сочинуваат:
• Претседател: Жељко Танасковиќ
• Потпретседатели: Антонио Хора Фило, Јусеф Белкасми и Лианшуаи Тенг
• Претставници на Извршниот одбор: Елена Мицковска и Олабиси Џозеф
• Генерален секретар: Хаснаех Ел Ајуби
Изборот на Елена Мицковска е уште една потврда дека македонскиот спорт, преку посветена работа и вистински проекти, може да добие значајна улога и влијание и надвор од границите на нашата земја.

