Писмо од Мбапе со многу емоции: Ова боли и ќе боли уште долго...
И покрај тоа што Франција остана без медал, капитенот Килијан Мбапе одигра извонреден турнир и со 10 постигнати голови беше најдобар стрелец на турнирот.
По завршувањето на шампионатот, тој преку отворено писмо им се обрати на француските навивачи и ја сподели својата благодарност, но и разочарувањето од пропуштената шанса за нова светска титула.
„Ви благодарам. Еден месец исполнет со емоции, надминување на границите и огромна чест што го носевме дресот на Франција. Пред сè, тоа беше страста, истата што нè движи нас на теренот, а вас пред телевизорите и на трибините. Заедно испишавме неверојатна приказна. Не го освоивме трофејот. Боли и ќе боли уште долго. Нема да ве лажам“, напиша Мбапе.
Најдобриот стрелец на турнирот признава дека индивидуалното признание не може да ја надомести загубената можност за светската титула.
„Горд сум што сум најдобар стрелец на првенството, но многу повеќе ќе значеше ако покрај тоа го освоевме и пехарот. Можеби ви должевме посреќен крај. Но не можеме секогаш да избереме како ќе заврши приказната, можеме само да одлучиме што ќе вложиме во неа, а ние дадовме сè од себе.
Им благодарам на моите соиграчи. Без нивната пожртвуваност, трчање, додавања и тимски дух, никогаш немаше да ги постигнам тие голови. Ова признание им припаѓа подеднакво и ним. Како дете сонував да настапам барем на едно Светско првенство. Играв на три, едно освоив, а оваа година имав чест да бидам капитен. Тоа никогаш нема да го заборавам.
Останувавте будни до доцна, понекогаш и длабоко во ноќта, само за да нè гледате како играме на другиот крај од светот. Се собиравте по домовите, во кафулињата, со семејствата и пријателите, низ цела Франција и надвор од неа.“
Мбапе меѓу другото го спомена и селекторот Дешан кој си замина од позицијата, а на негово место доаѓа Зинедин Зидан.
„На селекторот Дидие Дешан веќе му кажав сè што имав да му кажам. Благодарност и до целиот стручен штаб, физиотерапевтите, готвачите, кондициските тренери, возачите и сите оние кои никој не ги гледа, а без кои ништо од ова немаше да биде возможно“, исто така стои во писмото.