Некогашен спортски директор на ФК Вардар стана - извршен директор на КК Работнички!
Кошаркарскиот суперлигаш Работнички, кој се уште има најмногу шампионски титули во самостојна Македонија (15), од денеска има нов извршен директор, кој во јавноста е многу попознат по работата во фудбалот. Станува збор за Бранко Радевски, кој беше спортски директор на Вардар во времето кога спонзор на овој клуб беше Слободан Брацо Вујчиќ, а што се поклопува со период на можеби најголемиот европски успех на клубот - елиминацијата на ЦСКА Москва. Нешто подоцна тој имаше слична улога и во фудбалскиот прволигаш Работнички.
Радевски од денеска и официјално е впишан во Централниот регистар како извршен директор и тоа како наследник на поранешната играчка легенда на клубот, Горан Веселиновски. Заедно со него во Бордот на директори на центарци се наоѓаат уште и Димитар Трајчевски, Миле Илиевски, Јорго Костов и Александар Стојкоски.
Новиот директор на црвено-белите од Градски парк во кошарката влезе преку младинската школа на Работнички, односно вториот тим Работнички 2018, а потоа влезе во раководството на некогашниот гигант, како неизвршен член и сега како извршен директор. Неговиот избор е заклучок од Седницата на акционери на Работнички одржана на 23 јуни.
Клубот од Градски парк има високи амбиции за претстојната сезона, но се очекуваше официјалната промена за да се тргне во акција за засилувања и решавање на сите заостанати проблеми и долгови. Пред се тоа се однесува на осумте казни од ФИБА за долгови кон играчите кои мора да се платат за да може Работнички да почне со ангажирање странски кошаркари.