Англиските медиуми го „масакрираа“ Тухел: Неговиот кукавичлук ни ги угаси сништата за титула

Фудбалската репрезентација на Англија сакаше да стигне до финалето на Светското првенство, но Аргентина сакаше повеќе.

Хари Кејн и неговите соиграчи водеа до 85. минута, а потоа „гаучосите“, со две асистенции од Лионел Меси и головите на Енцо Фернандес и Лаутаро Мартинез, оркестрираа пресврт и победа за кој ќе се зборува со години! Аргентина пак ќе игра во финалето, а од синоќа, медиумите на Островот таргетираат еден човек за болката што ја чувствуваат. Неговото име е Томас Тухел.

Речиси сите медиумски анализи на Островот, вклучувајќи ги и оние на фудбалските легенди кои работат како стручни коментатори летово, имаат ист заклучок: Томас Тухел престана да верува во сопствените играчи откако го презеде водството.

„Индепендент“ објави статија под наслов: „Томас Тухел ги изгуби нервите, а неговиот чист кукавичлук го згасна сонот на Англија за Светското првенство“. Анализата ги опиша неговите одбранбени промени како неразбирливи, особено затоа што беше доведен токму поради неговата тактичка храброст и способност да ги менаџира најголемите натпревари.

Влијателниот „Гардијан“ напиша дека Аргентина покажала намера, а Тухел покажал страв. Авторот на статијата истакна дека по голот на Гордон, Англија ја напуштила играта што им го дала водството и се повлекла во речиси целосна одбрана.

„Тајмс“ го спореди поразот со претходните англиски трауми што локалната јавност ги памети кога Гарет Саутгејт беше на клупата на „Гордиот Албион“. Тухел беше ангажиран да ѝ донесе на репрезентацијата победничка решителност, но во најважниот момент тој прибегна кон истиот конзервативен пристап што го одбележа претходниот период.

„Сан“ ги сумираше критиките со игра на зборови: „Го изгуби ова, Тух?“, повторувајќи ги пораките од Вејн Руни и други коментатори кои тврдеа дека Англија си бараше проблеми со повлекувањето. Англија покажа карактер на ова Светско првенство, со пресвртите против ДР Конго во осминафиналето и Норвешка во четвртфиналето, но синоќа одлучи да игра кукавички.

„Разликата е во тоа што кога се браните така против Норвешка или Мексико (во осминафиналето), тие немаат квалитет како овој аргентински тим во однос на вештините со топката и способноста да ве казнат“, изјави поранешниот капитен на Англија, Алан Ширер, за BBC Sport.

Се чинеше дека Англија ја презеде целосната контрола врз полуфиналето против своите стари ривали кога Гордон ги доведе во водство 10 минути по почетокот на второто полувреме. Англиските навивачи славеа бурно, но потоа Англија одлучи да се повлече и да се брани.

„Фактот што Англија поведе, а потоа практично ѝ ја даде иницијативата на Аргентина... Тоа беше тренерска катастрофа од Томас Тухел“, изјави Крис Сатон, кој ја освои Премиер лигата со Блекбурн во сезоната 1994/95, за Би-Би-Си, додавајќи: „Не можете да очекувате да се браните 30 минути против квалитетот што го имаше Аргентина. За мене, вината е целосно кај селекторот. Тој ги направи промените. Тој беше негативен, па прашањето што ќе го поставам е: „Како можете да му верувате на Томас Тухел дека ќе го поведе овој тим напред?“

Англија нема никој друг да го обвини освен себеси за поразот во среда.

„Норвешка и Мексико паничеа против Англија“, изјави поранешниот голман на Англија, Џо Харт. „Не видов ни малку паника во таа аргентинска репрезентација. Ја видов вербата, ги видов како сфаќаат дека можат да го вивнат големиот Лионел Меси во вселената и ја претрчаа цела англиска репрезентација.“

Тухел ги внесе напаѓачите Рашфорд и Тони во судиското продолжение, но се покажа дека е премалку, предоцна.

„Имав чувство, со оглед на промените што ги направивме при 1-0, дека ако Аргентина постигне гол, нема ни да стигнеме до продолженија и тоа се случи“, рече Вејн Руни.

Цела Англија од синоќа бара оставка од селекторот, но тешко дека ќе се случи тоа. И по шест децении, земјата која е лулка на фудбалот не успева да го исполни својот сон и да дојде до трофеј на големите натпреварувања.