Трагедија во Брно: Загинаа двајца мотоциклисти - откажани се сите трки (ВИДЕО)

Голема трагедија го потресе мотоциклизмот, откако за време на трките од шампионатот Алпе Адрија на патеката „Брно“ во Чешка животот го загубија двајца натпреварувачи.

Во тешката несреќа загинаа 32-годишниот Австриец Филип Штајнмајр и 43-годишниот Романец Адријан Рус. Првиот им подлегнал на повредите на самото место и покрај брзата интервенција на медицинските екипи, додека вториот во критична состојба бил пренесен во болница, каде што подоцна починал.

По трагичниот инцидент, организаторите донесоа одлука да го откажат целиот преостанат натпреварувачки програм на патеката. Така нема да се одржат трките во Европскиот куп во класите Суперспорт 300, Суперспорт 600 и Суперсток 1000, како и Европското првенство во мотоциклизам за жени. На оваа патека во мото-трка пред нешто помалку од една година загина и македонскиот бизнисмен, Душко Чифлиганец.

Во заедничкото соопштение, ФИМ Европа, Алпе Адрија Мотоциклистичката унија, организаторот Академи и Автомотодром Брно изразија длабоко сочувство до семејствата, пријателите, тимовите и сите што ги познаваа двајцата возачи.