Гатузо дојде во Лацио и веднаш му кажа на Лотито што не треба да прави

Поранешниот италијански селектор Џенаро Гатузо кој по неуспешните квалификации за Светското првенство ја напушти клупата на италијанската репрезентација, денеска ја започна својата епизода на клупата на Лацио и тоа го направи во свој стил.

На своето претставување како тренер на Лацио, Гатузо порача дека е горд што ја добил шансата да го води римскиот клуб.

„Горд сум и се чувствувам одлично. Мораме напорно да работиме ако сакаме да постигнеме нешто. Сакам да создадам тим кој со гордост ќе го носи овој дрес. Ако не победуваме, ќе си заминам“, изјави Гатузо.

Сепак темпераментниот стратег испрати и интересна порака до првиот човек на клубот Клаудио Лотито за кого вели дека треба помалку да користи мобилен телефон.

„Со претседателот имам многу искрен однос. Секогаш му кажувам сè директно. Кога се сретнавме, му кажав кои работи треба да ми ги реши. Тој знае дека не се плашам од никого и дека ми требаат само луѓе кои сакаат да работат. Ако сака нешто да им каже на играчите, може да го направи тоа, но само зад затворени врати во соблекувалната. Проблем е што користи многу мобилен телефон, треба помалку да дава изјави за новинарите“, порача Гатузо.