Далиќ пак ќе биде селектор – веќе дал збор на нова репрезентација!

По речиси една деценија исполнета со неверојатни успеси, Златко Далиќ ја напушти клупата на Хрватска, а како што стојат работите нема долго да чека за нов ангажман.

Според информациите како опции за Далиќ веќе се споменувале: Колумбија, Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати. Далиќ сака да продолжи во репрезентативниот фудбал и тоа не е изненадување со оглед на работата во Хрватска.

Колумбија била репрезентацијата која сериозно го посакувала на клупата, меѓутоа тие не се фаворити. Наводно, екс-хрватскиот селектор речиси и да се договорил со Фудбалскиот сојуз на ОАЕ.

Медиумите од оваа земја пишуваат дека Далиќ треба да стане нов селектор на нивната репрезентација. Според тие наводи, договорот се подготвува веќе извесно време, а шансите нешто да се промени се многу мали.

Клучниот детал е дека Далиќ, според истите информации, веќе му дал збор на раководството на ОАЕ. Треба да потпише повеќегодишен договор, со услови со кои останатите заинтересирани репрезентации тешко би можеле да се натпреваруваат.

Фудбалската федерација на ОАЕ сака што побрзо да ја заврши целата работа и официјално да го потврди Далиќ, за да спречи други сојузи да се вклучат во завршната фаза од преговорите.

За Далиќ тоа би бил нов репрезентативен предизвик по девет години на клупата на Хрватска.