Легендите остануваат во Аеродром: МЗТ ги обнови договорите со Дамјан и Војдан!
Обновувањето на договорите со искусните репрезентативци беше еден од главните приоритети на клупската управа во пресрет на новата сезона, а со нивното останување аеродромци добиваат огромен квалитет, лидерство и неопходно искуство за предизвиците што следуваат на домашната, регионалната и европската сцена.
За капитенот Дамјан ова ќе биде 14. сезона во сино-белиот дрес. Еден од најуспешните кошаркари во клупската историја ќе атакува на својата 12. шампионска титула со МЗТ Скопје, а сите досегашни трофеи во домашното првенство ги освои токму со клубот од Аеродром. Војдан, пак, ќе ја започне својата шеста сезона во МЗТ Скопје, откако му се приклучи на клубот на почетокот од 2022 година.
Продолжувањето на соработката со браќата Стојановски е уште една потврда на стратегијата на МЗТ Скопје тимот да биде изграден околу најдобрите македонски кошаркари. Претходно ова лето во клубот се врати репрезентативецот Лука Стојановски, а како прво странско засилување беше ангажиран босанскиот центар Емир Крајиниќ. Покрај нив, важечки договори со МЗТ Скопје имаат и Андреј Андоноски и Марин Петков, додека клубот продолжува со формирањето на составот за сезоната во која ќе настапува во македонската Суперлига, АБА2 лигата и во групната фаза од ФИБА Еврокупот.