Драма пред Англија: Норвежаните побегнаа од луксузниот хотел - ги погоди и вироза!

Норвешката репрезентација се соочува со сериозни проблеми само неколку дена пред задутрешниот четвртфинален дуел на СП 2026 против Англија, откако го напушти хотелот во кој беше сместена, а во меѓувреме дел од фудбалерите ги зафати и стомачен вирус.

Според „Дејли Мејл“, Ерлинг Халанд и неговите соиграчи по само една ноќ го напуштиле хотелот „Далмар“ во Форт Лодердејл, незадоволни од условите за престој. Репрезентативците се пожалиле на бучава од блиско градилиште и прометен пат, недостиг од просторија за тимски состаноци, како и на стандардот на хигиена. По интервенција на ФИФА, репрезентацијата се преселила во хотелот „Фор Сизонс“ покрај плажата, а дополнителните трошоци првично ги покрил Норвешкиот фудбалски сојуз.

„Имаше работи што можеа да бидат подобри, па ги исправивме. Сакаме да ги оптимизираме условите и да се подготвиме на најдобар можен начин за важниот натпревар“, изјави капитенот Мартин Одегард.

Селекторот Столе Солбакен потврди дека одлуката не била донесена без причина.

„Неколку работи таму не беа како што треба. ФИФА се согласи со нас и ни излезе во пресрет. Не станува збор дека хотелот не е добар за живеење, но ние мора да бидеме заедно како тим и да имаме соодветни услови за работа“, рече Солбакен.

Како тоа да не беше доволно, во норвешкиот табор се појави и стомачен вирус. Голманот Орјан Ниланд потврди дека неколку репрезентативци имаат здравствени проблеми.

„Можам да потврдам дека е точно. Имавме одредени проблеми, а нашиот лекар има полни раце работа. Се надеваме дека сите ќе бидат подготвени за саботниот натпревар“, изјави Ниланд.

Болестите не се новост за Норвежаните на овој Мундијал. Напаѓачот Јорген Ларсен го пропушти првиот натпревар поради температура, Маркус Педерсен отсуствуваше против Бразил поради вирус, а и самиот Солбакен беше забележан како силно кашла за време на една прес-конференција. Но и покрај сите проблеми, Норвешка со голем оптимизам го очекува четвртфиналниот дуел со Англија, до кој стигна по сензационалната победа над Бразил (2-1).