Белата куќа четири дена лобирала да му биде избришан црвениот картон на Балогун
Ендру Џулијани, извршен директор на Работната група за Светското првенство во Белата куќа, веднаш го предупредил Трамп за казната. Џулијани, министерот за трговија Хауард Лутник и високи претставници на американскиот фудбал започнале план за жалби, иако ваквите жалби се исклучително ретки на Светските првенства. Следеле четири дена координирано лобирање и правни маневрирања. Трамп наводно разговарал за правилата и основите за суспензијата со Инфантино кој слушал, но не дал никакви ветувања. ФИФА одби да ги потврди деталите од разговорот, повторувајќи дека одлуката ја донел независен дисциплински комитет.
Според „Политико“, Џулијани и Скот Гудвин, менаџер на хеџ фонд кој помогнал во финансирањето на платата на селекторот на САД, Маурисио Покетино, ја истражувале судиската историја на судијата Рафаел Клаус, барајќи аргументи што би можеле да ја зајакнат жалбата. Случајот брзо се прошири низ каналите на ФИФА. Емилио Гарсија, кој ги надгледува правните работи на управното тело на светскиот фудбал, станал клучна фигура во советувањето на Инфантино.
Во неделата беше донесена одлука што се граничи со апсурд: Дисциплинската комисија на ФИФА објави дека суспензијата од еден натпревар на Балогун ќе биде одложена за едногодишен пробен период. Тоа беше целосно измислен правен трик и преседан што не постои во фудбалот - суспензијата по директен црвен картон е автоматска, но ФИФА мораше да измисли „условна казна“ на турнирот само за да му угоди на Трамп и да им овозможи на Американците да стигнат до осминафиналето неповредени.
Лидерот на ФИФА, Инфантино, со години се додворува на Трамп. Неговото однесување го достигна врвот минатата година кога се обиде да го утеши Трамп за неговиот неуспех да ја освои Нобеловата награда за мир, доделувајќи му специјална „награда за мир“ на ФИФА.