Аргентина се врати од бездната и го елиминира Египет (ВИДЕО)
Натпреварот тргна најдобро што може за Египет, откако Јасер Ибрахим погоди за предност од 1-0 во 15. минута, а потоа Лионел Меси промаши пенал за Аргентина.
Аргентина напаѓаше во вториот дел, но не ги користеше своите шанси, а Египет успеа да погоди и во 58. минута преку Мустафа Зико, меѓутоа радоста траеше кратко откако ВАР-технологијата му го поништи голот.
Зико, сепак, успеа да се запише во листата на стрелци по контра-напад во 67. минута и да донесе предност од 2-0 на Египет.
Аргентина се наоѓаше пред елиминација, но токму тогаш успеа да се разбуди и Кристијан Ромеро ја врати надежта во 79. минута кога погоди за 1-2.
„Гаучосите“ набрзо постигнаа и втор гол преку Меси за да израмнат на 2-2, а потоа Енцо Фернандез во втората минута од судиското надополнување со глава погоди за целосен пресврт.
Аргентина во четвртфинале на Мундијалот ќе игра против победникот од дуелот меѓу Швајцарија и Колумбија.
Фото: AFA - Selección Argentina