Комплетиран списокот на можни противници на Македонија во втората фаза

Синоќа официјално заврши првиот дел од квалификациите за Светското првенство, а со тоа се познати и осумте репрезентации кои испаднаа на тој пат и се префрлуваат во претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.

Претходно беа јасни четири од селекциите кои тргнуваат по патот кон континенталниот шампионат, а од синоќа се знаат сите осум. На Швајцарија, Данска, Кипар и Белгија им се придружуваат Чешка, Австрија, Велика Британија и Романија и сите тие се потенцијални противници на Македонија во втората претквалификациска фаза која стартува кон крајот на август. Покрај нашата репрезентација, патот во претквалификациите го продолжуваат уште Словачка, Бугарија и Норвешка, но ниедна од овие селекции не може да ни биде противник во следната фаза.

Ждрепката за следните претквалификации ќе се одржи на 16 јуни во Минхен и тогаш ќе се знае со кого ќе се игра Македонија во циклусот чии натпревари ќе се играат во август, ноември и февруари.

Репрезентациите ќе бидат поделени во четири групи со по три тима, а пласман во главните квалификции ќе обезбедат само најдобрите во секоја група. Изгледот на шеширите ќе биде познат во текот на оваа недела.