Чилаверт одговори на провокација на Дугари: Франција е африканска репрезентација

Поранешниот парагвајски голман Хозе Луис Чилаверт предизвика многу контроверзи со изјава со расистичка нијанса во пресрет на натпреварот помеѓу Парагвај и Франција во осминафиналето на Светското првенство.

Како одговор на провокацијата од поранешниот француски фудбалер Кристоф Дугари, Чилаверт ја опиша француската репрезентација како „тим од Африка“.

„Да бидам искрен, Парагвај ќе биде смачкан. Ви велам: Парагвај ќе биде прегазен. Ќе излезат на теренот само за да се одбранат затоа што не се способни за ништо друго. Мислам дека францускиот тим, дури и ако наиде на некои тешкотии на почетокот, ќе може да победи“, рече Дугари.

Чилаверт не чекаше многу за да одговори и тоа преку социјалните мрежи, каде што ја сподели изјавата на поранешниот напаѓач и додаде провокативен коментар.

„Кристоф е во право, на Светското првенство во 1998 година се соочивме со Французите, а сега Парагвај ќе игра против африканска репрезентација“, напиша поранешниот голман.

Оваа изјава се однесува на африканското потекло на неколку играчи во француската репрезентација – реторика често критикувана поради нејзината ксенофобична и расистичка содржина. Иако многу од спортистите имаат родители или баби и дедовци кои емигрирале од Африка, како што е случајот со Килијан Мбапе, сите повикани играчи имаат француско државјанство. Од 26. играчи во составот, само резервниот голман Брајс Самба е роден на африканскиот континент, во Демократска Република Конго. Михаел Олисе е роден во Англија, а Маркус Турам – во Италија.

Натпреварот помеѓу Парагвај и Франција се игра вечерва од 23 часот по средноевропско време.