Јакимовски: Не припаѓаме во овие претквалификации, Македонија е на - повисоко ниво!

Новиот лидер на македонската кошаркарска репрезентација, Андреј Јакимовски, смета дека Македонија е на многу повисоко ниво од селекциите со кои игра во претквалификациите.

Македонија има пет победи од исто толку натпревари во првата фаза од претквалификациите за ЕП 2029. Вчера лесно ја совладавме Ирска, а овој сегмент од натпреварувањето ќе го комплетираме во недела против Луксембург.

Иако веќе го обезбедивме првото место, Јакимовски вели дека одиме на победа и против Луксембург за перфектен учинок во групата.

„Ова беше убедлива победа за нас, ја заслуживме и неа и пласманот во наредниот циклус. Сакаме да победиме и на следниот меч со Луксембург затоа што сакаме перфектен циклус. Не припаѓаме во овие претквалификации, нам ни е местото на повисоко ниво, но чекор по чекор, мислам дека ќе дојдеме до нашата цел“, изјави Јакимовски.