Три финалиња, нула трофеи: Реал го избрка Скариоло!
Реал објави дека двете страни спогодбено се разделуваат, но уште пред неколку дена клубот почна да бара замена за Скариоло. Главниот проблем беше околу отштетата бидејќи Скариоло имаше договор на уште три сезони и со раководството на Реал требаше да се затвори тоа прашање.
Ова сценарио беше очекувано ако се знае дека Реал Мадрид не успеа да освои трофеј последната сезона иако играше во дури три финалиња. Капак на се беше елиминацијата во домашниот плејоф уште во четвртфиналето од екипата на Тенерифе. Претседарелот Флорентино Перез прво му даде поддршка на Скариоло, но менаџментот на кошаркарската секција го убеди дека треба да дојде до промена на тренерската позиција.
Наследник на Скариоло најверојатно ќе биде досегашниот тренер на Валенсија, Педро Мартинез со кого, наводно, се договорени сите услови и тој ќе потпише тригодишен договор за плата од 1,2 милиони евра по сезона. Така, покрај фудбалскиот, нов тренер ова лето ќе добие и кошаркарскиот клуб на Реал.