Кошаркарите вечерва со „ирско пиво“ ќе го (про)слават чекорот напред кон ЕП 2029!
Избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал во дуелот влегуваат како лидери на табелата со четири победи во исто толку натпревари, меѓу кои е и триумфот од 88-76 на гостувањето во Даблин. Евентуален триумф на вечерашниот дуел ќе значи и бетонирање на првото место, а со тоа и промоција во втората претквалификациска фаза, која почнува веќе во август. Шпанскиот тренер е задоволен од сработеното во изминатите две недели и верува дека тимот е подготвен за нов предизвик.
„Од ден во ден тимот е подобар, мораш да работиш за да се подобруваш. Тимот расте и покрај потребата често да менуваме. Го немавме истиот ростер, некој доаѓаше, некој си одеше, се менуваа Американците. Но, во последната седмица имав 15 играчи за работа, на кои сметам за натпреварот против Ирска и сакав да бидат добро подготвени. Среќен сум од она што го гледам од екипата. Играчите сакаат да играат, имаат желба и се држат до тактиката. Сакаме да го завршиме овој прозорец со добри натпревари и резултати“, изјави македонскиот селектор.
Берокал предупредува дека фаворитската улога нема да значи ништо доколку Македонија не одигра на највисоко ниво.
„Мора да бидеме на 100 проценти против секој ривал, затоа што ако не го дадеш најдоброто, тоа може да те казни. Мора да се фокусираме на работите кои можеме да ги контролираме. Ако не можеш да контролираш нешто, тогаш мораш да се вложиш и да го дадеш најдоброто од себе.“
Иако Македонија веќе ја победи Ирска во овој квалификациски циклус, Берокал смета дека денешниот противник заслужува максимална почит.
„Ирска е различен тим од претходниот прозорец, има доста промени, многу нови играчи. Тоа може да биде и ризик, затоа што ќе играат растеретено, без притисок и ќе преземат ризик. Ние сме подготвени, сè е на нас. Мора да се покажеме во добро светло, да ја одиграме најдобрата кошарка и да бидеме близу до победата. Прво ја гледаме Ирска, а Луксембург од оваа гледна точка изгледа далеку“, порача Берокал.
Македонија моментно е прва во групата „А“ со скор 4-0, пред Луксембург кој има 2-2 и Азербејџан и Ирска, кои имаат 1-3. Жолто-црвените последниот дуел од оваа фаза ќе го одиграат в недела на гости кај Луксембург, а од исходот на денешната пресметка ќе зависи дали во оваа земја ќе патуваме туристички или ќе играме за задржување на првата позиција.