Невиден скандал во Србија: Поранешен претседател на Фудбалскиот сојуз сакал да го ликвидира Видиќ
Причината била критиката на Видиќ кон тогашното раководство на Сојузот откако Србија не успеа да се квалификува за Европското првенство во ноември 2020 година. Зад сцената, Кокеза се плашел дека прославениот фудбалер може да ја преземе неговата позиција и, како што покажуваат пораките, почнал да планира жесток одговор со помош на луѓе поврзани со српски криминалци и фудбалски хулигани.
Кореспонденцијата, која се одвивала преку сега веќе непостоечката платформа Скај, открива планови за закана на Видиќ, вршење притисок врз него да не се меша во фудбалската политика и физички напади врз поранешни репрезентативци кои го поддржувале. Иако идентитетот на сите соговорници не е потврден, разговорите сугерираат дека тие биле истакнати навивачи на Црвена Звезда и луѓе поврзани со криминалното опкружување во Србија. Овие пораки даваат редок увид во преплетувањето на српскиот фудбал, организираниот криминал и политиката.
Пораките детално опишуваат како Кокеза сакал да го заплаши Видиќ. Во една порака е напишано дека на пензионираниот играч треба да му се каже да „се држи подалеку од Сојузот или ќе заврши во канал“ и дека ако повторно проговори или не се откаже од своите амбиции да го води ФСС, ќе „оди на гробишта“. Тој охрабрил еден од неговите контакти да се закани дека ќе го убие семејството на поранешниот играч ако се обиде да го заземе неговото место.
Во друг разговор, Кокеза го замолил лицето што го нарекува „кум“ да најде луѓе во Милано, каде што живеел Видиќ во тоа време, со цел да го заплаши. Контактот одговорил дека таму познава „сериозни момци“, а подоцна го информирал дека успешно „поставиле тракер на неговиот автомобил во Милано“.
„Треба да му дадеме пари, ако е можно, за да му се закануваат физички, да го исплашат за да можеме да го убиеме“, напишал Кокеза. Лицето со кое разговарал одговорило: „Притиснете го да се исплаши и да престане да зборува глупости. Никогаш повеќе да не се меша во Сојузот“. Иако пораките не укажуваат дека нападите биле извршени, тие откриваат дека плановите биле во напредна фаза.
На 1 декември 2020 година, „кумот“ на Кокеза го информирал дека лоцирале неколку цели и побарал дозвола да ја започне операцијата. Кокеза му рекол да почека. „Не може да се случи одеднаш“, напишал тој. „Ќе има медиумска галама. Мора да биде еден по еден.“ Неколку дена подоцна, на 7 декември, му рекол да ја суспендира операцијата додека не се сретнат лично. Кокеза поднесе оставка неколку месеци подоцна.
Кога новинарите му ги покажаа транскриптите од пораките, Немања Видиќ рече дека не бил свесен за плановите за заплашување и дека српските власти никогаш не го предупредиле.
„Ова е катастрофално - за општеството, за сите нас“, рече тој. „Најголемата одговорност лежи кај полицијата, судството, обвинителството и луѓето кои ги поставуваат таквите поединци на позиции на моќ.“