Познати термините за Ел Класико: Реал има можност да ѝ се одмазди на Барса
Веќе традиционално последните години, пресметките на вечните ривали во шпанскиот фудбал се играат пред крајот на октомври и почетокот на мај, па така ќе биде и претстојната сезона. Единствената разлика во однос на претходната е во тоа што Барселона ќе биде домаќин на првиот меч, а реваншот ќе се игра на „Бернабе“. Натпреварот на Камп Ноу е закажан за 24 октомври, а вториот дуел е на 8 мај.
Ова значи дека Реал ќе има можност да ѝ се одмазди на Барса за фрустрациите што ги доживеа последната сезона. Второто Ел Класико е во рамките на 35. коло и ако Реал направи доволна предност, ќе може, како што тоа го направи Барса оваа кампања, да ја прослави титулата пред своите навивачи.
Новата сезона почнува на 16 август, а Барса и Реал во првото коло ќе играат против баскиски екипи. На Камп Ноу ќе гостува Атлетик Билбао, а на Бернабе доаѓа алтуелниот освојувач на Копа дел Реј, Сосиедад. Атлетико на стартот ќе го пречека повратникот во елитата Малага, додека Столе Димитриевски со Валенсија игра на домашен терен против Бетис.