Борче Христов е нов тренер на Пелистер (ФОТО)

Пелистер потпиша двегодишен договор со новиот тренер Борче Христов, кој има богато искуство во македонскиот фудбал, а главна задача ќе му биде враќање на Пелистер во Првата лига.

Христов претходно работеше во Тиквеш, Борец, Работнички, Еуромилк Горно Лисиче, Македонија Ѓорче Петров и Шкендија, а има и искуство во странство, односно во Карабах и Зира.

„Со големо задоволство ја информираме јавноста дека со Борче Христов потпишавме договор на две години, со јасно дефинирани цели и амбиции за периодот што следува. Станува збор за тренер со богато искуство во македонскиот фудбал, но и со значајно меѓународно искуство, кој во својата кариера бил дел од повеќе успешни проекти. Веруваме дека неговото знаење, карактер и визија ќе бидат клучни во остварувањето на нашите цели“, соопштија битолчани.

Пелистер соопшти дека подготовките за новата сезона ќе ги почне на 9 јули.

Фото: Facebook/FC Pelister Bitola