Бизарно: МТФ одржа прес во исто време со историскиот настап на Ѓорческа на Вимблдон!

Македонската тениска федерација (МТФ) покажа големо непочитување кон својата најдобра претставничка, Лина Ѓорческа, откако одржа прес-конференција во исто време со нејзиниот историски деби-настап на Вимблдон против Аманда Анисиова (3-6, 2-6).

Причина за закажаната средба со новинарите беше одржувањето на ИТФ турнирот „Мацедониан опен“ со награден фонд од 30.000 долари, на која присуствуваа директорот на турнирот Горан Шевченко, нашиот најдобар тенисер во машка конкуренција Калин Ивановски и Дејвис Куп репрезентативецот Амар Хусеиновиќ. Терминот на пресот (12 часот) не беше променет дури и покрај тоа што неколку дена претходно беше познато дека денеска точно на пладне на терените во Лондон првпат ќе се појави македонски претставник на главниот турнир од еден гренслем.

Наместо сите од МТФ да се наредат пред телевизорите и да навиваат за Лина, тие со ужасно избраниот тајминг ги спречија Ивановски и Хусеиновиќ од почеток да може да уживаат во настапот на Ѓорческа на неофицијалното светско првенство. Колатерална штета беа и присутните новинари и камермани, кои не можеа да се посветат на мечот на Лина, туку мораа да известуваат од настан кој можеше да биде одржан во било кој термин освен во периодот помеѓу 12 и 13 часот во кој цела држава дишеше како едно заедно со нашата тениска гордост од Тетово.