Ѓоковиќ го крена гласот: Нешто мора да се менува во тенисот!

По успешниот старт на Вимблдон, Новак Ѓоковиќ говореше и за проблемите кои според него ги има во тенисот и мора да се променат.

Во прашање е обемниот календар на натпревари поради кои тенисерите почесто се повредуваат. Србинот тоа го истакнува како проблем, а причината смета дека е алчноста на организаторите.

„Статистиката покажува дека има сè повеќе повреди. Приказната има две страни. Комерцијалниот аспект сè повеќе доаѓа до израз и постојано се бараат нови начини за заработка на дополнителни пари - времетраењето на турнирите се продолжува, се воведуваат нови натпреварувања во веќе преполниот распоред... Денес не играм ни приближно толку многу како порано и имам луксуз да не бидам изложен на таков интензитет како повеќето играчи. Големата промена се случи кога Мастерсот стана двонеделен настан, а јас бев против тоа од самиот почеток. Од деловна перспектива, можеби ќе донесе поголема вредност, но на кого? Главно на сопствениците на турнирот. Играчите треба подобро да ја разберат позадината на тој триесетгодишен договор и да сфатат дека таков систем не е во нивна корист толку колку што можеби мислат“, рече Ѓоковиќ.