Купете јагоди, додадете шлаг и уживајте – Лина денеска дебитира на Вимблдон!

Македонската спортска јавност конечно и тоа го дочека, во последната недела од јуни, кога традиционално почнува вториот гренслем-турнир во годината, наместо за Ѓоковиќ, Чилиќ, Иванишевиќ, Селеш или Живојиновиќ (зависи од генерацијата) да навива за свој претставник.

Денешниот ден со златни букви ќе биде запишан во историјата на спортот во нашата држава, бидејќи точно на пладне се очекува дебитантскиот настап на Лина Ѓорческа на Вимблдон. Таа со трите победи во квалификациите стана првиот македонски претставник во поединечна конкуренција (мажи или жени) во историјата на неофицијалното светско првенство, со што се избори за пресметка со ланската финалистка, Аманда Анисимова.

Противничката е силна, шеста носителка на турнирот, но тоа не значи дека нашата Лина нема да дае се од себе достојно да се прикаже себе си, но и целата македонска спортска јавност. Без разлика на крајниот исход, таа испиша историја што долго ќе се памети, а ако успее да направи сензација, само тоа ќе биде доволно да обезбеди величенствен дочек на скопскиот плоштад.

Директниот пренос од натпреварот меѓу Ѓорческа и Анисимова ќе биде емитуван на петтиот канал на Арена Спорт.