Расел ја освои Австрија, втора победа оваа сезона!
Трката на „Ред Бул Ринг“ изобилуваше со претекнувања и возбудувања, а на крајот второто место му припадна на Макс Верстапен во Ред Бул, додека трет заврши клупскиот колега на Расел и лидер во генералниот пласман, Кими Антонели.
Расел одлично стартуваше и успешно се одбрани од двоецот на Ферари, Шарл Леклер и Луис Хамилтон, при што Британецот веднаш го престигна својот клупски колега за втората позиција.
Најголем профитер на самиот почеток беше Верстапен, кој од пониска стартна позиција се проби до третото место, додека Леклер падна на четвртото. Трката рано заврши за двоецот на Кадилак; прво се запалија сопирачките на Валтери Ботас, а набрзо се откажа и Серхио Перез поради чад во болидот.
Средината на трката ја одбележа жестоката битка меѓу Хамилтон и Верстапен. Во 11. круг, Холанѓанецот агресивно нападна и го презеде второто место, но Хамилтон веднаш возврати од надворешната страна и го избутка ривалот на чакал за да ја задржи позицијата.
Поради овој инцидент Хамилтон се најде под истрага на стјуардите. Сепак, во 22. круг Верстапен повторно нападна на речиси идентичен начин и овој пат успешно го престигна Хамилтон, додека Антонели го помина Леклер за четвртото место.
Дополнителна драма донесе виртуелното безбедносно возило во 25. круг, откако Карлос Саинц во Вилијамс застана покрај патеката. Ова го искористи Хамилтон за влез во боксот и промена на меки гуми, тактика на Ферари која на крајот не се покажа како целосно успешна.
Останатите водечки возачи подоцна ги одработија своите редовни влегувања во боксот, откако Верстапен се пожали дека гумите му се „мртви“. Откако сите ги променија пневматиците, Расел рутински го задржа водството.
До самиот крај, Расел сигурно ја контролираше предноста пред Верстапен и мирно ја приведе трката кон крајот за голема победа. Зад него се водеше тесна битка за втората позиција, но Антонели не успеа да го престигне Верстапен и покрај тоа што му се доближи на помалку од една секунда.
Хамилтон на крајот мораше да се задоволи со петтото место, веднаш зад Оскар Пијастри во Мекларен. Најголем губитник беше Леклер, кој поради проблеми со гумите и дополнителен влез во боксот падна на осмото место, престигнат од Исак Хаџар и Ландо Норис.
По трката во Австрија, лидер во генералниот пласман кај возачите останува Кими Антонели од Мерцедес со 171 бод, пред Расел со 131 и Хамилтон со 125 бодови.