Јакимовски: Натпреварот со Ирска е еден од најважните досега

Македонската кошаркарска репрезентација го одработува завршниот дел од подготовките за претквалификациите за Европското првенство во 2029.

Тимот полека се комплетира и од вчера селекторот Берокал го има на располагање и Андреј Јакимовски. Според Јакимовски натпреварот со Ирска е еден од најважните кои ќе ги играме досега.

„Не очекува еден од најважните натпревари досега. Со победа против Ирска ќе го обезбедиме првото место во групата и затоа мора да се подготвиме најдобро што можеме. Имаме нов играч во репрезентацијата, хемијата во тимот е добра и останува на нас да победиме“, вели Јакимовски.

Ирците ќе гостуваат во изменет состав и нова екипа и тоа може да биде потешко.

„Ќе биде тешко, затоа што Ирците доаѓаат со нова екипа. Со пет-шест нови играчи. Не знаеме колку се тие добри играчи и како играат, но останува на нас да го добиеме натпреварот“, додава македонскиот репрезентативец.

Сепак, репрезентативците сега за разлика од февруарскиот циклус имаат повеќе време на располгање.

„Имаме доволно време да се запознаеме со она што го бара селекторот, со неговиот систем и начин на работа. Работиме напорно секој ден и засега работите одат одлично“, истакнува Јакимовски.

Натпреварот против Ирска во Скопје е закажан за 2 јули, додека три дена подоцна ќе гостуваме на  Луксембург кој е последниот дуел во овој циклус.