Си ја отвори душата: Не може да менуваме селектор пред СП и да очекуваме успех!
Тунис одигра два натпревари на Мундијалот и доживеа два тешки порази. Најпрво загубија од Шведска со 5-1, а потоа беа поразени и од Јапонија со 4-0.
Кога Тунис ги играше квалификациите за СП, селектор им беше Сами Трабелси. Тој ја однесе репрезентацијата на Мундијалот, но непосредно пред почетокот на големото натпреварување Фудбалската федерација на Тунис го отпушти, а на негово место го назначи Сабри Ламуши.
Ламуши ја водеше селекцијата на мечот против Шведска, а веднаш по поразот доби отказ, на неговото столче седна Ерв Ренар, но и со него Тунис загуби со четири голови разлика.
„Видете ги Јапонците, тие играат со ист состав со години. Тоа е репрезентација која се гради преку континуитет. А што правиме ние? Носиме нов селектор на еден месец пред Светското првенство и се обидуваме да создадеме нов тим. Не може така да се постигнат резултати. Не станува збор за тоа дали треба да ги тргнеме ветераните и да почнеме подмладување, проблемот кај нас е што по неколку лоши резултати почнуваме сè од почеток и го уриваме тоа што почнало да се гради. Така не може да се создаде силен тим. За да се изгради тим потребно е време. Еден месец или два не се доволни. Не може пред Светско првенство да го промените селекторот и да очекувате успех“, распука дефанзивецот.
Третиот меч на Тунис на Мундијалот е дуелот со Холандија, па тешко може да се надеваат дека ќе поминат подобро отколку на претходните дуели.