Талески: Вардар може да има долго европско лето!
Талески истакна дека атмосферата во тимот е одлична по успешната сезона и освоената титула, а целта е позитивната енергија да се пренесе и на европската сцена.
„Одлично се подготвуваме во Италија и имаме добри услови за работа. Зад нас е добра сезона и сакаме целата позитивна енергија што ја донесе титулата да ја насочиме кон Лигата на шампионите и да се обидеме да го победиме финскиот шампион“, изјави Талески.
Искусниот чувар на мрежата добро го познава противникот, бидејќи во минатото настапуваше во Финска, па смета дека Вардар мора максимално сериозно да му пристапи на двомечот.
„Знам добро што нè очекува. КуПС е директна екипа која секогаш игра на гол повеќе. Се надевам дека со поддршка од нашите навивачи ќе успееме да избориме добар резултат на домашен терен, а потоа да одиграме квалитетно и на гостувањето“, порача голманот.
Талески дополнително нагласи дека КуПС е особено незгоден на свој терен, каде што настапува на вештачка подлога.
„Играат на вештачка трева и имаат мал стадион, па секогаш е тешко да се гостува таму. Станува збор за вистинска домашна екипа. Ако бидеме на нашето ниво, а не гледам причина да не бидеме, верувам дека може да имаме долго европско лето“, смета Талески.
Талески во своевремено во дресот на Хонка веќе играше против КуПС.
„Против нив сум бранел двапати и еднаш бев успешен со победа. Се надевам дека истото ќе продолжи и сега со Вардар во Лигата на шампионите“, додаде Талески.