Трет крах на СП: Јапонија ги прегази Африканците и ги „избрка“ од Мундијалот! (ВИДЕО)
Oвој резултат воедно значи и крај на надежите за Тунижаните, кои станаа третата репрезентација што и математички ги загуби шансите за пласман во нокаут-фазата. Не помогна ниту тренерската смена во последен момент. По дебаклот од Шведска, Тунис му врачи отказ на Сабри Ламуши и го ангажираше искусниот Ерве Ренар, но ниту тој не успеа да ја разбуди селекцијата.
Јапонците уште во четвртата минута го отворија резултатот преку Даичи Камада, кој на атрактивен начин со пета ја смести топката во мрежата. Предноста беше удвоена во 31. минута, кога Ајасе Уеда постигна вистински еврогол со удар од далечина, оставајќи го противничкиот голман без никакви шанси за интервенција. Во второто полувреме, Јапонија рутински го контролираше мечот, а потоа во завршницата целосно го скрши отпорот на противникот. Најпрво Џунја Ито во 69. минута погоди за 3-0 по одлична асистенција токму од Уеда, кој во 84. минута го постави конечниот резултат со својот втор гол на натпреварот, кој беше историски како точно 1.000-ти одигран на сите досегашни Мундијали.
Со овој триумф Јапонија практично го обезбеди местото во осминафиналето и во последното коло против Холандија ќе се бори за првото место во групата. Тунис, пак, останува без бод и без шанса за продолжување на настапот, па уште по две кола го завршува својот мундијалски сон.
ФОТО: X / @WorldCupMedia_