Пацерот кој прими седум гола ноќеска со 15 одбрани му донесе историски бод на Курасао (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Курасао го направи второто огромно изненадување на СП 2026, откако освои бод против фаворизираниот Еквадор по ремито без голови (0-0), а апсолутен херој на натпреварот беше голманот Елој Рум.

Само неколку дена по тешкиот пораз од Германија со седум примени голови, островската селекција успеа да остане непоразена против тим кој беше под притисок да победи по стартниот пораз од Брегот на Слоновата Коска (БСК). Рум имаше вечер за паметење во Канзас. Искусниот чувар на мрежата забележа дури 15 одбрани и беше несовладлив за противничките напаѓачи, иако Еквадор упати 27 удари кон неговиот гол. Сите 15 обиди кои одеа во рамките на голот завршија во неговите раце.

Голманот на Курасао со овој подвиг се доближи до рекордот на Тим Хауард од Мундијалот во 2014 година, кога имаше 16 одбрани против Белгија, но во натпревар што траеше 120 минути. Рум, пак, своите 15 интервенции ги оствари во регуларните 90 минути. Тој уште во третата минута го запре Енер Валенсија, а до крајот на натпреварот неколкупати имаше спектакуларни интервенции со кои ја зачува мрежата. Во завршницата и гредата беше на негова страна, но Рум заслужено ги собра сите пофалби за бодот на својата репрезентација.

Ремито најмногу му одговараше на БСК, кој остана на второто место во групата со два бода повеќе од Еквадор. Курасао во следното коло ќе се сретне со Брегот на Слоновата Коска, додека Еквадор го очекува исклучително тежок предизвик против Германија.