Продолжува егзодусот на нашите таленти во САД: И Митревски ќе игра во НЦАА!
Македонскиот кошаркар кариерата ќе ја продолжи на Пацифичкиот универзитет од градот Стоктон, кој е познат по тоа што од неговата програма произлезе поранешниот прв избор на НБА-драфтот, Мајкл Оловоканди. Тој во 1998 година беше избран од ЛА Клиперс, а играше и за Минесота и Бостон.
Пацифик се натпреварува во конференцијата Вест коуст, каде најзвучно име е Гонзага, а дел од конференцијата е и Вашингтон стејт, за кој до пред неколку сезони настапуваше македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски. Минатата сезона Пацифик ја заврши со биланс од 18 победи и 15 порази.
Митревски во септември ќе наполни 23 години и зад себе има настапи за сите младински репрезентации на Македонија, како и за сениорскиот национален тим. Во домашната кошарка најдлабока трага остави во ТФТ и Пелистер, откако претходно беше дел од помал скопски клуб. Тој и лани имаше можност да замине во САД, реши да остане во Македонија. Сепак, една година подоцна ја донесе конечната одлука и од следната сезона ќе биде дел од сè поголемата македонска колонија во НЦАА.