Брера демантира распаѓање: Ќе играме во Втора лига и во – Лигата на шампионите!

Управата на Брера, која минатата сезона испадна од фудбалската елита, ги демантира шпекулациите за некаков си распад, потврдувајќи дека во следната сезона ќе се натпреварува во Втората лига, потврдувајќи дека стратегијата на клубот останува насочена кон развој на младите фудбалери и нивна афирмација на сениорско ниво.

Од струмичани истакнуваат дека континуитетот во второлигашкото друштво е важен чекор за натпреварувачкиот развој на генерациите кои доаѓаат, особено поради фактот што во последниот период клубот создаде група млади играчи кои веќе добиваат значајна минутажа. Доказ за квалитетната работа е и историскиот успех на младинските категории, кои сезонава ја освоија двојната круна, што на клубот му донесе и нов настап во младинската Лига на шампионите на УЕФА.

„Ова е потврда за правилната работа, посветеноста на управата и стручниот кадар во развојот на младите таленти. Нашите момци покажаа карактер, квалитет и победнички менталитет“, порачуваат од клубот.

Во системот на Брера функционира младинска школа со повеќе од 300 деца, што дополнително ја зацврстува улогата на клубот како една од најважните развојни средини во македонскиот фудбал. Од клубот додаваат дека фокусот и во иднина ќе остане на вложување во сопствен кадар, унапредување на условите за работа и создавање средина во која младите фудбалери ќе имаат можност да напредуваат и да стигнат до повисоко ниво на натпреварување.