Сараево вечерва ќе гори: „Змејовите“ повторно ја обединија БиХ!
На плоштадите и во угостителските објекти се поставуваат големи видеобимови, се организираат јавни гледања, а навивачката атмосфера од час во час станува сè пожешка. Според локалните медиуми, само во главниот град ќе има повеќе од десет локации каде што илјадници навивачи заеднички ќе го следат мечот.
„Утрото во Сараево изгледа како да е празник. Единствената тема за која се зборува е репрезентацијата на БиХ. Луѓето со нетрпение го очекуваат вечерашниот натпревар“, изјави босанскиот репортер, Азур Делиќ.
Тој истакна дека по долг период на разочарувања, националниот тим повторно ја разбудил страста кај навивачите.
„Денес децата носат дресови на Алајбеговиќ, Мухаремовиќ и останатите ‘змејови’, фудбалери кои до неодамна беа речиси непознати за пошироката јавност, а сега се вистински спортски херои“, додаде Делиќ.
Слично размислува и спортскиот новинар Санел Коњходжиќ, кој потсетува дека пред само неколку години резултатите на репрезентацијата речиси никого не интересирале.
„Пред три години поразите од Луксембург или Лихтенштајн поминуваа речиси незабележано. Денес ситуацијата е сосема поинаква – повторно се зборува само за фудбал и за репрезентацијата, а не за поделби, кризи и други негативни теми. Тоа е нешто што нè прави горди“, истакна Коњходжиќ.
Тој верува дека Босна и Херцеговина ќе има огромна поддршка и на самиот стадион во Канада.
„Иако Канада е домаќин и се игра на друг континент, постојат реални шанси навивачите на БиХ да бидат побројни на трибините и да создадат атмосфера како на домашен терен“, смета Коњходжиќ.
Вечерашниот дуел против Канада носи големи очекувања, но едно е сигурно – „змејовите“ повторно успеаја да ја обединат земјата и да ја вратат фудбалската страст кај своите навивачи.