Партизан убедливо славеше над Дубаи и го продолжи финалето

Кошаркарите на Партизан остварија исклучително важна победа во третиот натпревар од финалната серија во АБА лигата и пред својата публика, „црно-белите“ го совладаа Дубаи со 84-70 со што намалија на 2-1 во вкупниот резултат од серијата.

Партизан го отвори натпреварот на најдобар можен начин. Со агресивна одбрана и одлична игра во нападот, домашниот тим уште по првата четвртина создаде двоцифрена предност од 23-10.

Дубаи во продолжението успеа да воспостави рамнотежа, па втората и третата четвртина минаа во изедначена борба. Сепак, предноста што Партизан ја стекна на самиот почеток се покажа како недостижна за гостите, а домашниот состав во завршницата рутински го приведе мечот до крај и ја прослави победата.

Најефикасен кај Партизан беше Бруно Фернандо со 15 поени и седум скока, додека Карлик Џонс одлично ја организираше играта и натпреварот го заврши со 13 поени и седум асистенции. 

Кај Дубаи, најефикасни беа Дејвис Бертанс со 17 поени, од кои пет тројки, како и Мфионду Кабенгеле, кој покрај 17 поени забележа и девет скока.