Омерагиќ на радарот на клубови од Кипар, Словачка и САД

Македонскиот фудбалски шампион Вардар летово би можел да остане без напаѓачот Азер Омерагиќ за кој постои интерес од неколку тимови од САД, Уругвај, Словачка и Кипар.

Засега до Вардар нема пристигнато официјална понуда, но „црвено-црните“ се свесни дека го следат повеќе екипи од различни држави.

„Во моментов постои голем интерес за ангажман на Азер Омерагиќ со првични контакти до нас од клубови од Кипар, МЛС-лигата, Словачка и Уругвај, но засега нема пристигнато официјална понуда на клупска адреса“, посочи извршниот директор на клубот, Миленко Неделковски.

Омерагиќ имаше одлична сезона во црвено-црниот дрес, односно настапи на 37 натпревари, а притоа постигна 16 голови и осум асистенции со што привлече интерес од странство.