Работнички има најмногу казни од ФИБА за неплаќање кошаркари во - цел свет!
Составот со 15 титули во моментов има седум активни забрани од страна на Арбитражниот суд на Светската кошаркарска федерација (ФИБА), најмногу од сите клубови од сите држави во кои се игра организирана кошарка. Ова значи дека Работнички во овој момент загубил судски спорови со седум играчи кои изминатиов период настапувале за овој клуб, но кои не ги добиле сите плати. Кошаркарите, најверојатно, по сите обиди да дојдат до заработените пари, се решиле правдата да ја побараат преку ФИБА што носи дополнителни трошоци за клубот, кој секако знае дека ќе ги загуби споровите бидејќи и самиот е свесен дека платите не се исплатени. Просечно, секој загубен спор носи дополнителни трошоци од 10-15.000 евра што значи дека само овие седум забрани дополнително го оптоваруваат ионака уништениот буџет на „центарци“ од најмалку 100.000 евра.
Според актуелната листа со клубови што имаат санкции од ФИБА, прв зад Работнички е црногорскиот тим Морнар, кој има шест санкции, по што следуваат три екипи со пет забрани и тоа по еден од Израел, Турција и Мароко. Дека овој „успех“ не е мал и за потценување го докажува фактот што на листата на казнети во моментов има повеќе од 100 екипи од десетици разни држави. Според тие што добро ги следат овие проблеми, „успехот“ на составот од „Градски парк“ е огромен бидејќи во досегашната историја немало повеќе од 3-4 тима со вака голем број забрани поради неплаќање играчи. Ваквото неплаќање е и зачудувачки ако се знае дека во периодот од 2023 до 2025 година на сметката на клубот легнале околу 120 милиони денари односно два милиони евра.
Според правилата на Арбитражниот суд (БАТ), екипа што има забрана поради долгови кон кошаркари нема право да регистрира странци односно ФИБА одбива да издава сертификат за овие клубови за интернационалци се додека не се реши проблемот. Целата листа на сите казнети клубови од ФИБА поради неплаќање може да ја прочитате ТУКА.