Скопје е домаќин на европскиот крем во минибаскет!
На престижниот собир учествуваат тренери, едукатори и спортски работници од повеќе европски земји, кои во наредните четири дена ќе разменуваат искуства, идеи и современи методологии за работа со најмладите кошаркари и кошаркарки. Конвенцијата беше отворена со обраќањето на Мајкл Шварц, одговорен за тренерските едукативни програми во ФИБА Европа, кој им посака успешна и продуктивна работа на сите присутни.

Работниот дел стартуваше со предавање на Маурицио Кремонини, кој ги презентираше основните принципи, вредности и улогата на минибаскетот во развојот на младите спортисти. Во продолжение на програмата предвидени се интерактивни дискусии, работилници и практични демонстрации, преку кои учесниците ќе имаат можност да разменат знаења и добри практики. На попладневните сесии, пак, тренерите и предавачите ќе дебатираат за најновите трендови во работата со младите категории.

Организацијата на ваков значаен настан претставува уште едно признание за македонската кошарка и потврда за довербата што ФИБА ја има во Кошаркарската федерација на Македонија. Воедно, конвенцијата е уште еден чекор во напорите за создавање квалитетна база и правилен развој на идните генерации кошаркари и кошаркарки.