Само во Северна Кореја: Фудбалерки освоија трофеј, па скокаа и плачеа околу диктаторот Ким (ВИДЕО)

Женскиот фудбалски клуб Наегохјанг испиша историја откако стана првиот клуб од Северна Кореја што ја освои Азиската женска Лига на шампиони.

По повод големиот успех, за фудбалерките и стручниот штаб беше организиран свечен пречек на теренот, каде лично им честиташе и ги поздрави севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун.

Снимките објавени од државните медиуми прикажуваат емотивни сцени. Додека Ким минува покрај шампионскиот тим и се ракува со секоја од фудбалерките, дел од нив не можеа да ги сокријат солзите од радост и возбуда.

Фудбалерките гордо го покажуваа шампионскиот пехар, а во еден момент воодушевено почнаа и да скокаат околу севернокорејскиот лидер, па поради тоа снимката од прославата за кратко време стана вирална на социјалните мрежи.