Ходар има уште „фурни леб“ за јадење - Зверев ита кон првата Гренд слем титула
Зверев триумфираше со 3-0 (7-6, 6-1, 6-3), по два часа и 28 минути игра. Германско-шпанскиот судир во Париз започна многу возбудливо, бидејќи во првите два гема двајцата играчи имаа по две брејк топки, но не ги искористија. Малку подоцна, Ходар успеа да му го одземе сервисот на противникот и да поведе со 4-2, а веднаш потоа го потврди брејкот, што го донесе на чекор до освојување на сетот (5-2). Сепак, Зверев му препушти само еден поен на својот ривал во следните три гема и на тој начин доминантно стигна до нерешен резултат од 5-5. Првиот сет мораше да се реши во тај-брејк, почна израмнето и остана така сè додека на семафорот не беше 3-3, по што Германецот доби четири поени во низа за водство од 1-0.
За разлика од првиот сет, во вториот немаше драма. Зверев го доби првиот гем, а потоа Ходар одговори на ист начин и тоа беше сè што направи младиот Шпанец во овој сет. Од тој момент, на париската земјена подлога остана само германскиот ас, кој освои пет гема по ред и со убедливи 6-1 дојде до сет за пласман во полуфиналето.
Онаму каде што застана во вториот, Зверев продолжи во третиот сет. Веднаш направи брејк што го потврди, а Шпанецот конечно ја прекина серијата на противникот со победа во сервис гем со која го намали резултатот на 1-2. Во продолжение, двајцата играчи рутински добиваа гема на свој сервис, сè до последниот гем кој Зверев го доби на сервис на противникот и со него стави крај на ова четвртфинале.
Зверев во борбата за место во финалето ќе се соочи со победникот од натпреварот меѓу Јакуб Меншик и Жоао Фонсека, кој го елиминираше Новак Ѓоковиќ во третото коло.