Нова ера во НБА: Спарс го урнаа шампионот и по 12 години пак се во големото финале (ВИДЕО)

Екипата на Сан Антонио спарс е новиот шампион на Западната конференција од НБА, откако ноќеска славеше на гостувањето кај веќе поранешниот првак Оклахома сити тандер (111-103) во „мајсторката“ и со 4-3 во серијата обезбеди пласман во големото НБА финале.

За Спарс ова е прво финале уште од 2014 година, кога ја освоија последната шампионска титула предводени од легендарното трио Данкaн-Паркер-Џинобили. Главна фигура на победата беше Виктор Вембанјама, кој натпреварот го заврши со 22 поени, додека фантастичен придонес даде и Џулиан Шампани со 20 поени, од кои дури шест тројки. Спарс имаа дури седум кошаркари со двоцифрен број поени, што уште еднаш ја покажа нивната тимска сила во најважниот меч од сезоната.

Еден од клучните моменти се случи во завршницата кога Лук Корнет со спектакуларна блокада го запре Ајзеја Хартенштајн и не дозволи Тандер да се врати во игра. На спротивната страна блескаше МВП-ѕвездата Шеј Гилџис-Александер со 35 поени и девет асистенции, но ниту неговата одлична партија не беше доволна за пресврт. Поразот дополнително се почувствува поради отсуството на повредениот Џален Вилијамс.

Со елиминацијата на Оклахома стана јасно дека НБА ќе добие нов шампион осма сезона по ред, а Сан Антонио сега ќе се обиде да стигне до првиот шампионски прстен по повеќе од една деценија. Големото финале помеѓу Спарс и Њујорк никс почнува на 4 јуни, а „мамузите“ ќе ја имаат шансата да ја крунисаат новата генерација предводена од феноменалниот Вембанјама.

ФОТО: X / @spurs