Атанасов: БиХ е силна репрезентација, но ние одиме на победа!
Репрезентативецот на Македонија кажа дека новите имиња во селекцијата имаат квалитет да помогнат во постигнување идни успеси на фудбалскиот терен.
„Кога играме за Македонија, не постојат пријателски натпревари. Тука го даваме максимумот и треба да покажеме дека заслужено го носиме македонскиот дрес. Верувам дека селекторот ги повикал вистинските фудбалери. И ние пред неколку години бевме нови играчи, но дадовме сè од себе“, кажа Атанасов.
Атанасов кажа дека одат во БиХ да се натпреваруваат, но и да победат во дуелот против квалитетниот противник.
„Босна и Херцеговина покажа квалитет и одигра одлични квалификации. Станува збор за силна и квалитетна репрезентација, но ние одиме да се надигруваме и да се подготвиме за победа“, вели репрезентативецот.
Македонија го игра дуелот против БиХ на 29 мај, додека со Турција ќе се соочи на 1 јуни.