Финале во Лига Европа: Фрајбург се бори за историски првенец, а Емери за петта титула!

Големото финале во Лига Европа е закажано за вечерва од 21 часот на „Бешикташ парк“ меѓу Астон вила и Фрајбург.

Англискиот тим влегува како фаворит во пресметката против Фрајбург и го брка првиот голем пехар уште од 1996 година, додека бундеслигашот никогаш во историјата не го кренал трофејот.

Екипата на Унај Емери делува одлично на теренот и конечно има шанси да стигне до трофејот, а во прилог им оди тоа што Шпанецот е легенда на натпреварувањето и има освоено четири титули.

Астон вила стигна на импресивен начин до финалето, а дополнителна самодоверба им донесе победата над Ливерпул со 4-1 во Премиер лигата минатиот викенд.

Фрајбург, од друга страна, е хит во европското натпреварување. Тимот на Јулијан Шустер надигра неколку сериозни тимови и покажа дека не случајно стигна до финалето.

Натпреварот меѓу Астон вила и Фрајбург се игра вечерва од 21 часот во Истанбул.

Фото: Europa League/Facebook