Исто како во 2012: Гвардиола ќе земе едногодишен одмор, може и да не се врати во клупскиот фудбал

Пеп Гвардиола планира да направи пауза од најмалку една година откако ќе го напушти Манчестер Сити по последното коло од Премиер лигата.

Ова го тврди каталонскиот новинар Серхио Гонзалез. Според него, „граѓаните“ би можеле да бидат последниот клуб во кариерата на Пеп. Трофејниот стручњак би се вратил само за поинтригантен предизвик, поврзан со обврската како национален тренер, односно селектор.

Гвардиола ги помина последните 10 години на „Етихад“. Шпанецот стана вистинска легенда на Манчестер Сити откако пристигна од Баерн Минхен во 2016 година. Тој го водеше тимот до шест шампионски титули, триумф во Лигата на шампионите, три ФА купа, пет Лига купа, три Комјунити шилдс и до по еден трофеј во Суперкупот на УЕФА и Светското клупско првенство.

Веќе стана јасно дека Енцо Мареска ќе биде назначен на негово место. Според Гонзалез, Италијанецот ќе започне со работа веќе следниот ден откако Гвардиола ќе замине. Ситуацијата со Шпанецот многу наликува на 2012 година кога си замина од Барселона и одлучи да си земе едногодишен одмор, па се пресели во Њујорк, пред да му се врати на фудбалот како тренер на Баерн.

Во моментов не може да се претпостави кој клуб би бил предизвик за Шпанецот имајќи предвид дека веќе 18 години, со една сезона пауза, работи како прв тренер. Од друга страна, за него постоеше интерес од неколку национални федерации за селекторската позиција, пред се од САД и Бразил, но до договор не дојде бидејќи беше насочен кон Манчестер Сити.