Арбелоа го поздрави доаѓањето на наследникот: Мурињо е број еден!

Се појасно станува дека Жозе Мурињо ќе се врати на клупата на Реал, по 13 години и само прашање на ден е кога официјално ќе биде назначен.

Со тоа ќе заврши мандатот на Алваро Арбелоа кој беше назначен како принудно решенние среде сезона, на местото на Чаби Алонсо. Шпанскиот стручњак кој на клупата на Реал не се прослави со резултати, туку со смешни изјави, денеска одржа прес-конференција пред утрешниот меч со Севиља и на неа, меѓу другото, зборуваше за Мурињо со кого соработуваше како играч.

„Не се согласувам со приказните дека немав контрола врз соблекувалната, но за мене како поранешен играч на Реал Мадрид, Мурињо е број еден. Го мислев тоа пред еден месец и сè уште го мислам тоа. Тој е и секогаш ќе биде еден од нас. Ако е тука следната сезона, ќе бидам многу среќен да го видам назад дома. Клубот ќе донесе одлука за тренерот за следната сезона, а ќе ја објави кога ќе смета дека е соодветно“, рече Арбелоа.

Мурињо вечерва го има последниот натпревар како тренер на Бенфика сезонава, а од утре почннува десетдневниот период во кој Реал ќе може да го договори славниот стручњак за отштета од само три милиони евра.