Продолжува циркусот наречен Реал Мадрид: Мбапе и Арбелоа во војна (ВИДЕО)

Нема ден, а да не се случи нешто смешно во циркусот наречен Реал Мадрид. Исклучок не беше синоќешниот натпревар против Овиедо по чие завршување во вербална војна влегоа тренерот Алваро Арбелоа и првата ѕвезда Килијан Мбапе.

Французинот беше прашан од новинарите зошто не бил стартер, а тој го обвини својот тренер за таквата одлука.

„Не бев стартер бидејќи тренерот ми рече дека за него сум четврти напаѓач во тимот. Не знам што би ви рекол јас, морате него да го прашате. Бев подготвен да почнам, но тоа беше негова одлука“, рече Мбапе.

Неколку минути подоцна пред новинарите се појави Арбелоа кој ги демантираше зборовите на францускиот фудбалер.

„Јас сум му рекол дека е четврти напаѓач во тимот? Не, никогаш не сум рекол такво нешто, не знам што мислел. Ние дури немаме четворица напаѓачи, така што очигледно лошо ме разбрал. Јас сум тренер на Реал, јас одлучувам кој ќе игра, а кој ќе седи на клупа. Се разбира, јасно ми е дека не можат сите фудбалери да бидат среќни, го разбирам и Килијан, но таа одлука е заснована на околностите, како што објаснив“, објасни Арбелоа.

За Реал има уште два меча до крајот на сезоната, против Севиља на гости и Атлетик Билбао на домашен терен. Тие се и последни два натпревара за Арбелоа на клупата на мадридскиот клуб.