Кливленд направи брејк, Детроит повторно на раб на елиминација (ВИДЕО)
Кавс сега водат со 3-2 и следниот меч го играат на домашен терен, исто како што во првата рунда беше ситуацијата на Детроит во серијата со Орландо (Меџик водеше и со 3-1). За да стигнат до конференциското финале, каде веќе чека Њујорк, на Пистонс сега им се потребни победи на двата претстојни натпревари.
Што се однесува до ноќешниот дуел, најдобриот тим на Истокот од основниот дел на сезоната може да жали за исходот бидејќи во првата четвртина водеше со 15 разлика, а на точно три минути пред крајот беше +9 (103-94). И тука домаќините застанаа, Кливленд го заврши основниот дел со серија од 9-0, а имаше и шут за победа преку Мичел, за низата да продолжи со уште четири поени во продолжението. Рид накратко ја прекина, но следуваше уште една серија од 5-0 за водство од 112-105 која Детроит не можеше да ја анулира.
Џејмс Харден одигра извонреден натпревар, постигнувајќи 30 поени, со осум скока и шест асистенции, Мичел постигна 21, а Струс 20. Остана некрунисана одличната партија на Кејд Канингем кој заврши со 39 поени, па Детроит ќе мора во Охајо да ја спасува сезоната.