Датумите се поклопуваат: Ако Перез нема противкандидат, Мурињо ќе биде назначен на 25 мај
Првиот човек на Реал можеше тоа да го направи и друг ден, можеби и по официјалниот крај на сезоната, но ако малку подобро се анализираат работите, ќе стане очигледно дека му се брзало да ја почне својата претседателска кампања. Ако во следните два дена не се пријави ниеден кандидат за претседател, избори воопшто нема да има и Перез ќе го почне својот нов мандат на 24 мај, само еден ден откако Реал ќе го одигра последниот меч во сезоната – против Атлетик Билбао на домашен терен.
Веќе следниот ден, на 25 мај комотно може да биде објавено името на новиот тренер Жозе Мурињо. Португалскиот стручњак, во својот договор со Бенфика има клаузула според која може да си замине за отштета од три милиони евра, најдоцна десет дена по последниот натпревар во сезоната на клубот од Лисабон. Бенфика ја завршува кампањата на 16 мај против Есторил и откупната клаузула ќе важи до 26 мај.
Ова сценарио може да се изјалови само ако се пријави уште еден кандидат за претседател, но тешко дека е возможно такво нешто.