Пелистер најде излез од кризата: Лино Червар доаѓа во Битола!
Поранешниот тренер на Металург и селектор на македонската репрезентација ќе го води клубот од Битола претстојната сезона и со него треба да почне враќањето на деветкратниот првак на врвот во домашниот ракомет. Иако доминираше во земјава претходните три сезони, Пелистер немаше многу среќа, па и знаење при изборот на тренерите, речиси секоја кампања менуваше барем по двајца поради што не се создаде континуитет на добри резултати и на меѓународна сцена.
Дознаваме дека по преговорите кои траеја последните неколку дена, денеска е потпишан договор меѓу двете страни, а промоцијата би требало да се одржу во следниот период, веројатно по официјалниот крај на сезоната во која Пелистер остана со куси ракави и не освои ниеден трофеј. Лино ќе има слобода каква што немал досега ниту еден тренер. Управата му дава одврзани раце за да го врати клубот на врвот што би значела селекција на засилувањата и избор на стручниот штаб.
Червар го водеше Металург во најуспешниот период во историјата на клубот, од 2009 до 2017 година, освојувајќи притоа четири шампионски титули во домашното првенство и три во Купот на Македонија, а еднаш стигна и до финалето на СЕХА лигата. Последната година од престојот во земјава беше и селектор на репрезентацијата, а доби и македонски пасош.
Зад името на 75-годишниот стручњак има една титула од Олимписките игри во 2004, една од Светското првенство во 2003 година и уште пет сребрени медали од големите натпреварувања.