Вардар ја продолжи соработката со хрватската легенда до 2028!

Од редовите на Вардар денеска соопштија дека ја продолжуваат соработката со тренерот на голманите Марио Келентриќ.

Според новиот договор Келентриќ кој пристигна минатата година се обврза на верност со Вардар до јуни 2028 година.

Како голман беше дел од „златната генерација на Хрватска“ која го освои светското злато во 2003 година во Португалија и среброто на Олимписките игри во Атина 2004. На клупски план бранеше за Загреб, Целје, Метковиќ, Тусем Есен и Мелсунген, а како тренер работеше во Гумерсбах, каде четири години беше задолжен за сите категории на голмани во клубот. Исто така беше дел и од репрезентацијата на Босна и Херцеговина, како и во ППД Загреб и Слога Добој

„Одлуката за продолжување на соработката доаѓа по сезона во која Вардар се врати на трофејните патеки на домашната сцена и повторно ја освои двојната круна во Македонија. Голманите на Вардар на многу натпревари беа еден од клучните фактори за добрите резултати, а за нивната форма се грижи Келентриќ“, истакнуваат од Вардар.