Синер гази во Рим: За 67 минути го збриша Попирин и го скокна Федерер!

Најдобриот светски тенисер Јаник Синер без поголеми проблеми се пласираше во осминафиналето на Мастерс турнирот во Рим.

Италијанецот до следната рунда стигна повеќе од рутински, откако во третото коло беше подобар од Алексеј Попирин со 2-0 во сетови и тоа со само два загубени гема (6-2 и 6-0)

Синер на теренот помина само еден час и седум минути, а од самиот почеток целосно го контролираше мечот. Австралиецот во ниту еден момент немаше можност сериозно да му се закани.

Во првиот сет Италијанецот направи два брејка, додека во вториот дури трипати му го одзеде сервисот на противникот и рутински ја искористи првата меч топка.

Со ова Синер стигна до 30-та последователна победа на Мастерс турнирите и го надмина Роџер Федерер, кој имаше серија од 29 победи. Пред него останува само Ѓоковиќ со 31 триумф.

Во борбата за четвртфинале Синер ќе игра против својот сонародник Андреа Пелегрино, кој го елиминираше Френсис Тиафо.

Фото: ATP Tour/X