Ламин Јамал на 18 години веќе го помина Роналдо по освоени титули во Ла Лига
Тоа е трета титула за Барса во последните четири сезони што е огромен успех, ако се имаат предвид финансиските проблеми со кои се соочуваше клубот по заминувањето на Меси во 2021 година. Во исто време, тоа е трет шампионски трофеј и за најголемиот талент на денешнината Ламин Јамал кој во 2023 година дебитираше за првиот тим на каталонскиот клуб.
Интересно е тоа што со овој трофеј, Јамал веќе го помина Кристијано Роналдо по бројот на титули во шпанското првенство иако не ја завршил ни втората деценија од животот. Роналдо играше за Реал во Ла Лига од 2009 до 2018 година и во тој период освои само две титули иако со својот тим доминираше во Лигата на шампионите.
Ако продолжи во истиот стил, а и ако остане во Барселона, нема сомнение дека Јамал ќе го загрози рекордот на Лионел Меси кој во дресот на каталонскиот тим освои десет шампионски титули во Ла Лига, а ќе го нападне и рекордот на шпанското првенство кој го држи Пако Генто со 12.